Со ваква игра и пристап на следните натпревари тешко дека ќе може девојчињата од ЖФК „Кочани“ да ја освојат титулата која сите во клубот ја најавија уште пред стартот на првенството. Во првиот натпревар од годинешното првенство кочанчанки добро се изнамачија додека не ја совладаа одличната но неискусна екипа на „Топ Гол“. Конечниот резултат од 3:0 (1:0) за кочанчанки не ја дава реалната слика по она што го видовме за време на целиот натпревар. Битолчанки создадоа три стопостотни прилики за гол и при резултат 0:0 и уште толку кога домаќинките поведоа со 1:0. Да беа гостите малку поискусна екипа а на голот на домаќините не беше одличната Фроска Костова немаше да биде ама баш никакво изненадување доколку битолчанки си заминеа со три бода од „градот на оризот“. Головите што ги постигнаа Спировска во 28’, Салихи во 66’ и Ѓорѓиева во 88’ беа сепак доволни да се освојат трите бода. Време има доволно да се надоместат сите недостатоци од денешниот натпревар, инаку минатата сезона лесно може да се повтори доколку „кочанчанки“ не си ја сфатат сериозно работата. Судијата Спире Арсов со своите помошници Богданчо Ѓеоргиев и Методи Јорданов мошне добро го судеа натпреварот. С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари