„Овие наместо да се борат за влегување во Втората лига по се изгледа дека грчевито ќе се борат за да останат во Третата лига“ беше коментарот на еден од некогашната генерација фудбалери на „Осогово“ кој беше дел од малкумината кои се најдоа на трибините на стадионот „Никола Мантов“ за да го проследат подготвителниот натпревар „Осогово“ – „Кит Го Пехчево“.Коментарот многу кажува, ја кажува вистината а таа е сурова во овој подготвителен период за кочанскиот третолигаш.

И по петтиот натпревар „жетварите“ останаа без победа, овој пат како домаќини ремизираа со новиот третолигаш „Кит Го Пехчево“. Резултатот 1:1 (1:0) е сепак најправедниот епилог на она што денес беше видено на стадионот „Никола Мантов“, а беше видено малку.

„Осогово“ играше анемично, без креативност во играта и без некои посериозни прилики за гол, а и оние кои беа создадени беа поради лошата реакција на одбранбените играчи на гостинскиот тим. Кочанчани од единствената добро смислена акција поведоа со голот на Максимов иако до тој момент гостите беа тие кои можеа да го откријат резултатот.

Вториот дел „жолто-сините“ го одиграа уште полошо а гостите го искористија тоа и на почетокот на второто полувреме го израмнија резултатот на 1:1 со гол од слободен удар од преку 25 метри.

До крајот гостите беа концентрирани за зачувување на својот гол а шансата ја бараа во контра нападите. „Осогово“ се обиде нешто да направи со неколкуте измени, но и тоа не помогна.

Одличната арбитража на Драган Јаневски и неговите помошници можеби беше и нешто најдоброто што беше видено на натпреварот.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари