„Осогово“ и „Брегалница Голак“ одиграа натпревар со доста добри акции, доста трчање но што е најважно за гледачите и со голови. Со денешната победа од 3:2 „жетварите“ им се реваншираа на делчевчани за поразот во Делчево 1:2.

Малкумината гледачи денес на стадионот „Никола Мантов“ видоа две различни полувремиња. Во првото доминираа гостите, постигнаа два гола а имаа уште две стопостотни прилики за гол, додека во вторите 45 минути домаќините беа тие кои ја имаа играта во свои раце, постигнаа три гола а ако напаѓачите беа поконцентрирани ќе постигнеа уште два до три. Но како и да се земе интересен натпревар во кој домаќините заслужено славеа.

2

Гостите поведоа во 5’. По нафрлената топка од десната страна највисоко скокна Јовановски и го совлада домашниот голман Лазаров. Само десет минути подоцна веќе беше 0:2. Мирчевски одлично се проби по десната страна а кога влезе во казнетиот простор на домаќините несебично го проигра осамениот Пешовски на кого не му беше тешко од 2-3 метри ја упати топката во празната мрежа. За одбележување се уште двете шанси за гостите. Најпрвин во 34’ Мирчевски одлично биеше од работ на шеснаесетникот а Лазаров со крајни напори ја исфрли топката во корнер, а во 41’ по киксот на Лазаров пешовски биеше со глава од само два метри но покрај голот. Во првото полувреме домаќините единствено се заканија во 7’ но шутот од слободен удар на Натков гостинскиот голман со прекрасна парада го одбрани исфрлувајќи ја топката во корнер.

Во второто полувреме како да истрчаа две сосема други екипи на теренот.

3

Во 46’ Натков во соло пробив нанижа неколку гостински играчи и од десетина метри биеше во левиот долен агол од гостинскиот гол. Се играше 51’ кога „жетварите“ израмнија на 2:2. Нафрлената топка од корнер ги прелета сите, Цветанов во последен момент успеа да ја врати во шесте метри на гостите а голгетерот Тодоров мошне итро го матираше гостинскиот голман. Само седум минути подоцна Јанев промаши празен гол а во 68’ Аксентиев не се снајде најдобро по одбиената топка на гостинскиот голман. Победата за домаќините стигна во 88’ по една школски изведена акција. Филип Горгиев беше проигран по левата страна, следуваше школски центар шут а Коцевски подметна нога и од два три метри го постигна третиот победоносен гол за домаќините.

С. Ивановски

4

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари