Со натпреварот „Кочани“ – „Борец“ кој е закажан за утре (Сабота) на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани со почеток во 16:00 часот, стартува годинешното првенство во Првата Фудбалска Лига за жени. Натпреварот ќе го води судиска тројка од Кочани на чело со Спире Арсов и неговите помошници Богданчо Ѓеоргиев и Игорче Богатинов. Контролор на натпреварот е Сашко Ангелов исто така од Кочани.

Во однос на минатата година кочанчанки ќе настапат во доста изменет состав. Од ланската екипа ќе недостасуваат седум играчи, па екипата во годинешното првенство ќе биде потполнета со млади девојчиња, генерација 2000/2001 година од младинската школа на клубот.

Чакмакоска, Чубриноска, Спировска и Аџулеска заминаа во ЖФК „СЦ Истатов“ (Дојран), Милеска со исписница во рацете е слободен играч, а Митревска и Стојановска како што сме информирани по се изгледа немаат намера да ја продолжат својата фудбалска кариера.

„Во ова првенство ќе настапиме со доста изменет состав. Иако останавме без седум првотимки сепак мислам дека на доста екипи ќе им ги помрсиме сметките. Веќе утре во екипата ќе имаме 3-4 играчи од нашата младинска школа, кои заедно со новодојдените Нина Николова (Иднина С) и Анастасија Манчева (Борец) и дел од ланскиот прв тим ќе претставуваат екипа за респект. Нашите амбиции се полека да направиме смена на генерацијата и за некоја година да имаме состав со играчи од сопствениот погон кој ќе игра запазена улога во женскиот фудбал“ беше изјавата на тренерот на „Кочани“, Оливер Јовановски.

На другите натпревари во првото коло се среќаваат:

„Тиверија Струмица“ – „СЦ Истатов“

„Топ Гол“ – „Атлетико“

„Речица“ – „Драгон“

Екипата на „Ас Јунајтед“ е слободна во ова коло по повлекувањето на „Конзули“ од годишното натпреварување.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари