Околу 200 гледачи дојдоа денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, на отворањето на сезоната во Третата Фудбалска Лига – Исток за да го проследат натпреварот „Осогово“ – „Работник Џумајлија“. Дојдоа и не зажалија, напротив, задоволни си заминаа бидејќи видоа едно доста агресивно и ефикасно „Осогово“ што влева надеж дека годинава кочанчани ќе ја остварат зацртаната цел, влегувањето во една од двете втори лиги.

Натпреварот лошо започна за гостите. Се играше 6’ кога денес новиот играч на „Осогово“ Николов изби една топка која во висок лак падна на пет до шест метри од голот на Јолдашев, а Манов убаво се снајде, биеше од прва и мрежата на гостите се затресе. Две минути по водството  Манов имаше уште една шанса но во паѓање биеше од неколку метри а топката заврши покрај десниот дирек во гол-аут.

P3950511

Се играше 27’ кога „жетварите“ ја дуплираа предноста. Јорданов биеше кон голот на гостите а играчот на „Работник Џумајлија“ Насевски играше со рака па денес мошне добриот судија Истатов покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше ветеранот Натков. Во финишот од првото полувреме домаќините имаа нова шанса за гол но силниот удар на Тодоров заврши во пречката.

P3950589

Интересно е што во овој дел гостите, инаку традиционално незгодниот противник за „Осогово“ не создадоа ниту една шанса за гол.

Второто полувреме започна со трет погодок во мрежата на Јолдашев. Во 54’ Натков убаво во празно го проигра Коцевски кој изби сам и рутинирано со удар по земја го совлада гостинскиот голман. Првата шанса за гол гостите ја имаа во 56’ кога се создаде мешаница во домашниот шеснаесетник а упатената топка кон голот Лазаров успеа да ја скроти. Во 68’ нововлезениот Ѓеоргиев биеше од работ на шеснаесетникот но Јолдашев со прекрасна интервенција ја исфрли топката во корнер. Три  минути подоцна Јанев изби сам но на работ од шеснаесетникот беше фаулиран, а слободниот удар не донесе ништо ново. Последната шанса на натпреварот ја имаа гостите кога во 84’ упатија удар кон голот на домаќините но Лазаров уште една одлично интервенираше и им ја скрати радоста.

Се на се одлична увертира за кочанските „жолто-сини“ а гостите од Лозово сме ги гледале во многу подобри изданија во Кочани.

Комплетни резултати од првото коло:

„Осогово“ – „Работник“  3:0

„Кит Го – пехчево“ – „Слига 1934“  2:0

„Василево“ – „Каменица Саса“  2:1

„Брегалница Голак“ – „Беласица“  1:3

„Тиверија“ – „Овче Поле“  1:3

„Рудар“ – „Плачковица“  0:1 (натпреварот се одигра во Радовиш)

„Малеш“ – „Конче Бирлик“  9:2

Слободна во првото коло беше екипата на „Напредок Здравје“

С. Ивановски

P3950476

P3950479

P3950481

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари