Министерката за локална самоуправа Ширет Елези оствари средба со градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.

Димитровски, во улога и на претседател на Советот на „Источниот плански регион“ истакна дека разговарале за соработката на Министерството за локална самоуправа со регионите, посебно за активностите во „Источниот плански регион“ и за Општина Кочани.
„Отворивме и поконкретни прашања кои ќе продолжиме да ги разгледуваме“ изјави Димитровски по средбата.

Министерката Елези потенцираше дека во фокусот биле новите инфраструктурни проекти кои се во тек, финансирани од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, новите заемни активности коишто треба да ги направат општините од овој плански регион и новите можности за соработка со меѓународната заедница, прибирањето средства од ИПА – фондовите и од Светска банка, значајни за реализација на инфраструктурните проекти во сите општини од нашата држава.

„За Источниот Регион ние од Министерството за локална самоуправа имаме доделено 20 милиони и 300 илјади денари и тоа се четири најзначајни проекти, од кои за Кочани е изградбата на локалниот пат за Крушка“ рече Елези.

Во врска со неодамнешната посета на Хрватска, Словенија и Австрија што беше организирана од страна на Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот Регион со поддршка на ГИЗ и на Министерството за локална самоуправа Елези додаде дека таа е од големо значење затоа што целта е размена на искуства при прибирање на европските фондови за реализација на голем број инфраструктурни проекти кои веќе општините во тие земји ги имаат реализирано.

„Целта е градоначалниците од овие региони одблизу да ги видат тие проекти: размена на искуства, иновации, па зошто и да не заемна соработка и можни креирања партнерства или збратимување со општините од тие развиени земји, бидејќи искуствата ни требаат заради подобрување на општинските услуги кон граѓаните“ соопшти министерката за локална самоуправа.

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари