Се одиграа натпреварите од 3-тото коло во Третата Фудбалска Лига – Исток во кое екипите во чии состави има претежно млади играчи им држеа фудбалски час на оние кои се засноваат на искуство. Добро е за фудбалот што квалитетите на се повеќе млади играчи доаѓаат до полн израз, но која фајда од сето тоа кога и во ова коло како и во претходните две, во главна улога се ставија некои судии. Во ова 3-то коло на ред дојде и трета екипа која се најде на листата на судиските лакрдии.

Ако во првото коло се фрлаа дрва и камења по лошата арбитража на Стојанче Стојанов од Штип за измислениот досуден пенал во корист на најдобрата екипа на истокот „Беласица“, ако во второто коло судијата Александар Пасков од Струмица му поништи регуларен гол на „Кит Го Пехчево“ на натпреварот во Македонска Каменица, во третото коло на ред дојде екипата на „Осогово“ која во два наврати драстично е оштетена од судијата Дарко Стојанов кој на натпреварот одигран во Кочани „Осогово“ – „Овче Поле“ 1:2 (0:1) покажа како не треба да се суди на фудбалските терени.

2

Во сите три случаи реагираа оштетените клубови, но која фајда од сето тоа кога судиите си имаат свои ментори од кои без разлика на лошата арбитража претежно добиваат високи оцени.

По чија наредба мораше да се суди вака во Кочани? Со нефудбалско знаење а со свирче во устата да иритираш луѓе од преку 80 години кои векот го поминале на стадионите, да иритираш луѓе кои во животот го немаат покачено својот глас, да иритираш цела публика навистина не држи. Е така реагираше публиката во Кочани на арбитражата на Дарко Стојанов која беше се, само не арбитража во интерес на фудбалот.

Симптоматично е што двајцата браќа Стојанови во секое првенство, ама баш во секое, имаат натпревари со катастрофално лоша арбитража, но од нивните ментори или поддржуваш за ваквата арбитража секогаш добиваат високи оцени и се заштитени како природни раритети.

Дека нешто се готви во првенството во Третата Фудбалска Лига – Исток кога е судењето во прашање е не делегирањето на некои квалитетни судии од типот на Васко Мавров (Струмица), Драган Јаневски (Кочани), Димитар и Виктор Пилешков (Штип) кои во првите три кола се заобиколуваат а на нивно место се делегираат судии врз кои ќе се има влијание и со чија помош ќе се крои табелата.

Вака господа вештачки фудбалски работници веќе не иде. Дали клубовите кои знаат како за полусезона обезбедуваат по 99.000,00 денари, заслужуваат Вие да се на ваков начин изживувате со нив и нивните навивачи. Сигурно не, но вас за такво нешто не ве е воопшто ниту грев ниту срам, ниту чувствувате некаква вина, вам ви се најважни од се вашите хонорари, вашите седенки, вашите кочоперења дека сте некој фактор во фудбалот. Но верувајте сите вие сте за жалење, бидејќи парите се трошат, седенките ќе завршат но чистиот образ треба да остане. Извинете, но дали вие кои од ден на ден се повеќе го буткате во тињата македонскиот фудбал знаете што е тоа чист образ.

Гледајќи ве како се однесувате тешко дека ви се познати тие зборови.

С. Ивановски

3

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари