Потешко од очекувањата „Осогово“ дојде до петата последователна победа во првенството во Третата Фудбалска Лига – Исток. Во рамките на 8-то коло во Кочани е совладана мошне добрата екипа на „Малеш“ од Берово со 2:0 (1:0).

Кочанчани играа добро, но денес наидоа на еден мошне цврст и мотивиран состав на „Малеш“ чии играчи машки се бореа, играа добро во одбраната и на средината на теренот но се чини дека немаа напаѓач кој ќе знаеше како да ги завршува добро смислените акции.

Во 13’ прва шанса на натпреварот. По изведениот корнер од десната страна Здравков со глава наместо да бие во голот на гостите, лошо ја зафати и топката заврши надвор од шеснаесетникот. Во 17’ гостинскиот играч Владимир Дујовски итро биеше но Лазаров беше внимателен и од под самата пречка ја исфрли топката во корнер. Само две минути подоцна Коцевски беше во силен налет кон противничкиот гол биеше откосо но гостинскиот голман Багашовски му влезе во шутот и ја сочува својата мрежа. Се играше 36’ кога Ѓеоргиев биеше од неколку метри но само во десниот дирек на гостинскиот гол. Сепак во последната минута од првото полувреме домаќините поведоа од пенал. Радински го фаулираше Јорданов а денес одличниот судија Јаневски покажа на белата точка, пеналот во гол го претвори Натков.

DSCN7569

Во второто полувреме домаќините можеа да го зголемат водството во 51’ но одличниот удар на Тодоров заврши над пречката. Во 70’ Данилов итро изведе слободниот удар од левата страна, топката ги прелета сите но Багашовски  беше внимателен и одбрани. Три минути подоцна гостите можеа да ја замолчат домашната публика но по одличното нафрлање од десната страна ново влезениот Јановски задоцни и не успеа со глава да ја упати топката во мрежата.

DSCN7538

Победникот беше решен во 83’. По една нафрлена топка од десната страна гостинскиот играч Черговски кратко ја одби вон шеснаесетникот, на неа натрча Натков и со одмерен удар по земја по втор пат го матираше Багашовски.

Се на се заслужена победа на домаќините против една мошне добра екипа на „Малеш“ и европско судење на Драган Јаневски и неговите помошници.

С. Ивановски

DSCN7581

DSCN7618

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари