НАМЕСТО СО СНЕГ, „ПОНИКВА“ ПОКРИЕНА СО СМЕТ

јануари 8, 2023
0 минути

Љубители на природата кои денес решиле денот да го поминат на „Пониква“ се разочарале од она што било прва слика при доаѓањето на т.н. „планинска убавица“. Наместо со снег, „Пониква“ е покриена со смет.

Расфрланиот смет како што пишуваат им бодел во очите на денешните посетители, се разочарале и се покајале што денешниот убав сончев и празничен ден решиле да го поминат на „Пониква“.

„Знаеме дека ќе ги објавете фотографиите бидејќи и вие сакате да имаме чиста животна средина па затоа ве замолуваме и овие неколку збора да се најдат во текстот. Дојдовме со пријатели од другите градови да ја посетиме Пониква бидејќи на големо се пишува за неа дека прераснува во туристичка атракција. Но верувајте вака туристи нема да доаѓаат а и оние кои што денес се најдоа овде по овој сончев ден разочарани предвреме почнаа да си заминуваат. Ајде празници се ама барем некој да се качи горе и да го собере сметот бидејќи од него се шири непријатна миризба а и глетката е разочарувачка. Ви благодариме доколку го објавете ова“ напиша наш читател кој денес се разочарал од она што го видел на „Пониква“.

Се надеваме дека надлежните откако ќе ги видат фотографиите ќе извлечат поука и дека во иднина почесто ќе го собираат сметот бидејќи мал е бројот на контејнери а „Пониква“ се повеќе се гради. Ако ништо друго барем во петок и понеделник да го собираат сметот за да и сликата пред посетителите биде што поубава.

С.  Ивановски