По текстот „Донесена одлука за стипендирање на 26 студенти од Општина Кочани“ објавен на 28.Октомври оваа година (Петок) со реакција се јави Александра Коцева, самохрана мајка на 5 (пет) деца и невработен сопруг:

„Сакам јавно преку вашето гласило да го прашам Градоначалникот Ратко Димитровски по какви критериуми одлучил да ги додели стипендиите. Имам 5 (пет) деца, од кои 4 (четири) малолетни и еден студент, дете кое беше и е гордост на СОУ „Љупчо Сантов“, дете кое е избрано како најхуманитарец во генерацијата 2014/2015, дете кое аплицира за стипендија од Општина Кочани. Покрај основните услови за доделување стипендија кои тој ги исполнува, просек 9,  живее во седум члена фамилија со еден вработен и примања од 25.000,00 денари. Како мајка го прашувам Градоначалникот зошто е одбиен? Дали стипендиите се доделуваат на лица блиски до власта, на лица кои имаат најблиски во општината, или……. Многу прашања, без одговор, но едно најсуштинско прашање: До кога граѓаните на оваа општина ќе се делат на граѓани од прв и втор ред, до кога ќе се делат по основ на верска, родова и партиска припадност. Со направениот избор Градоначалникот уште еднаш по кој знае кој пат потврдува дека парите на граѓаните ќе завршуваат во џебот на оние на кои тој сака, а не на оние на кои им се најпотребни. До кога обичните граѓани кои не се истомисленици ќе страдаат? Против децата кои ги имаат добиено стипендиите како родител немам ништо против, но мојот револт е искажан кон Градоначалникот Ратко Димитровски кој со наши пари се расфрла и прави што сака“.

С. Ивановски

 

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари