Не чекаа да поминат ниту 24 часа од обвиненијата искажани од незадоволните играчи спрема кои од ГФК „Осогово“ се понеле некоректно при исплатата на заработениот циклус, туку свикаа само два медиума за да им се најдат при рака и преку нив да ја забошотат вистината. Така било во последно време, така беше и овој пат.

Треперливиот глас со кој ја даде изјавата Претседателот на клубот Бранко Богатинов јасно покажува дека некој не ја зборува вистината, или ние или тие. Но сепак таа е една и единствена, или како што во воведот во едно од двете присутни гласила беше кажано: „Пред вистината молчат и боговите“. Токму така, пред вистината молчат и боговите, но што кога некој сака да ја искриви вистината и да си ги сокрие сите свои валкани алишта?

Ваквите замајувања на јавноста преку пресови станува пракса во ГФК „Осогово“.

Така беше и кон крајот на месец Февруари (20.02.2016 година) кога од клубот не сакаа да патуваат за Радовиш на веќе договорениот подготвителен натпревар, па мораа веќе утредента да демантираат преку друг медиум дека домаќините наводно го откажале натпреварот бидејќи теренот бил под вода од обилните дождови иако во Радовиш долго време немаше паднато капка дожд, па во „Плачковица“ за да не им пропадне закажаниот термин одиграле меѓусебен тренинг натпревар.

Сега се случи истото. Сите лажат, само тие ја зборуваат „вистината“. Лажат и играчите кои не замолија да го објавиме нивното незадоволство, лажеме и ние, само тие не лажат. Која иронија.

Чудно е сепак што со вакви флеш пресови тие секогаш се обидуваат да се оправдаат пред јавноста за да потоа веднаш се повлечат во рововите.

Така се повлекоа и по завршувањето на минатата сезона кога не сакаа да свикаат Годишно Собрание и да ги положат сметките за тоа каде и како се потрошија парите добиени од Локалната Самоуправа (Локалната самоуправа им ги покрива и патувањата на страна) и парите добиени по Договор од „Брегалница“ (Штип) за одиграните 16 првенствени и Куп натпревари, пракса која кога други структури беа во клубот бараа секоја година да се положуваат сметките. Но летоска кога требаше да се полагаат сметките Претседателот на ГФК „Осогово“ молчеше како риба.

Ќе молчеше и немаше да каже и на пресот доколку не беше поставено новинарско прашање по кој основ во ГФК „Осогово“ се ангажирани 4 (четири) тренери. Немаше да каже, ама се испушти и кажа на кој колку месечно му е ветено (Прес конференција на 13.07.2016 година).

Кога се ќе се собере и одземе, малку чудно е зошто не свикаа и денес (Четврток) прес за медиумите за да ги информираат гледачите и навивачите на „Осогово“ дека навредените играчи (Натков и Лазаров) се вратија на тренинзите но не по нивна иницијатива туку по иницијатива на оние на кои „Осогово“ им е во душата и кои клубот го сакаат со срце а не како на дел од нив, за подигнување на сопствениот и онака слаб рејтинг. Да, токму така, навредените играчи се вратија да му помогнат на „Осогово“ да ги одигра навистина овие четири тешки натпревари („Слога 1934“ и „Плачковица“ во Кочани, а „Каменица Саса“ и „Беласица“ на гостински терен) кои многу значат за пласман во Втората лига, во Втората лига, доколку се заинтересирани во тие води  да го однесат клубот.

Но, да го сочекаме следниот нивен прес за да слушнеме што ќе имаат овој пат на репертоарот.

С. Ивановски

Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.

Коментари