ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА ИЛИ НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ

февруари 7, 2023
0 минути

Поминаа нешто повеќе од дваесет денови од сообраќајната несреќа во  близина на мостот кај „Шопинг центарот“ кога и дел од  р’тмот  на Кочанска река беше оштетен. За жал и после три седмици никој како да не е заинтересиран да му го врати првобитниот изглед на р’тмот.

Многумина од минувачите и денес кога поминуваа низ овој дел на градот подзастануваа, гледаа во разрушениот р“там и се чудеа како никој досега не најде време сето тоа да го поправи.

И додека ние ги правевме фотографиите од некои минувачи слушнавме дофрлања дека ова е убава глетка и дека не треба воопшто да се поправа бидејќи ден по ден, месец по месец може да стане туристичка атракција.

Обезбедените финансиски средства за изградбата на „Мостот на пријателство“ кој требаше да биде вистинска туристичка атракција се пренаменија за покривање на „долгови“ , па сега еве се нуди нова туристичка атракција која не чини ниту денар.

Шегата на страна, ваквиот изглед на коритото на реката, односно р’тмот во самото централно градско подрачје не изгледа ни малку убаво. Е сега дали е причина на незаинтересираноста на надлежните да го попрвата или навистина ќе го остават како атракција нека судат оние кои го полнат буџетот на општината, а тоа се граѓаните на Општина Кочани.

С.  Ивановски