Некогаш беше вистинско задоволство да се појде во тогашниот Хотел „Турист“ за да се биде во друштво на другари и пријатели, едноставно кажано да се биде во друштво на кочанскиот еснаф. Се играше шах, табла, санс, се мезеше и по некоја чаша онака пред ручек или вечера, а во летните ноќи и со прекрасна музика. Градот тогаш живееше, а со него и оние кои доаѓаа во овој прекрасен објект.
За жал денес местото каде што беше Хотел „Турист“ а сега Хотел „Центар“ е претворено во едно ругло, во руинирана зграда во која се собираат бездомници, наркомани и кој ли уште не.
Да иронијата биде поголема во деновите кога е пазарен ден зградата е претворена во тоалет од отворен тип, и тоа никаде на друго место, туку во самиот центар на градот.
Што гледаат надлежните, никому не му е јасно.
Објектот е потенцијален извор на заразни болести и тоа мора некој под итно да го спречи. Ако објектот е продаден како што се зборува на голем бизнисмен тој сигурно има ѝ некаква обврска што да направи со него.
Направените фотографии се од дворното место на објектот. Во истиот нема направено фотографии бидејќи миризбата што излегува кога си во негова близина не ти дава храброст да влезеш во истиот.
Време е нешто да се направи, време е оние кои се сопственици на објектот да се зафатат за работа и да преземат мерки да не се случуваат сите оние работи што ги вознемируваат жителите од околните куќи посебно во вечерните часови.
Време е сега, за да потоа не биде предоцна.
С. Ивановски
Секое преземње на фотографии и копирање на текстовите без согласност на комарец повлекува фактурирање на име „Авторски права“.