ИСКУСТВО ПОВЕЌЕ ЗА ТРЕНЕРИТЕ ВО ЖЕНСКИОТ ФУДБАЛ
2012-02-01
По четири дена поминати во гратчето Берген во Норвешка тренерите на Женскиот Фудбалски Клуб „Кочани“ и на Женскиот Фудбалски Клуб „Иднина С“ од населбата Оризари, Владо Андов и Сашо Иванов се вратија на своите работни места полни со нови искуства кои и те како ќе им помогнат во тренажниот и натпреварувачкиот процес на нивните две екипи ви понатамошниот дел од првенството.
Да потсетиме, и Андов и Иванов заедно со останатите тренери на женските фудбалски клубови од Македонија како и тренерите на женските фудбалски екипи од Србија и Унгарија на покана на Фудбалската Федерација на Норвешка ја посетија земјата од северот на Европа и учествуваа на семинарот кој го организираше УЕФА.
Следејќи го начинот на тренирање и одигрување натпревари на неколку норвешки женски клубови и двајцата се стекнаа со едно големо искуство. Со оглед дека и двајцата се помошни тренери во Репрезентациите на Македонија нивното искуство и те како ќе им биде од корист и на репрезентативките.
С. Ивановски











