ОСОГОВО СЕ ПРЕФРЛИ НА ТРЕНИРАЊЕ ВО САЛА
2012-02-03
Обилните врнежи од снег и ниските температури го сменија малку тренажниот процес од втората фаза на подготовките кај кочанскиот второлигаш. По првата фаза во која се работеше на физичка подготвеност „жолто-сините“ за втората фаза освен работа со топка планираа и одигрување на неколку контролни натпревари. Сепак снежната покривка која го покрија теренот на стадионот „Никола Мантов“ не дозволува работа со топка и одигрување на контролни натпревари па така предвидените соочувања со екипите на „11 Октомври“ од Прилеп и „Силекс“ од Кратово останаа за некоја друга пригода.
Но за да не биде така црно во втората фаза се погрижи стручниот штаб на кочанскиот второлигаш, па затоа работата со топка се одвива во Спортската сала во Облешево каде играчите играат и на два гола.
Доколку временските услови се подобрат „жетварите“ ќе се вратат на работата со топка на зелениот терен а и ќе се обидат да одиграат неколку контролни натпревари.
Што се однесува до играчкиот кадар во „Осогово“ нема голема загриженост околу оние кои заминаа и оние кои не сакаат повеќе да настапуваат за „Осогово“ бидејќи обезбедени се неколку звучни нови имиња чија идентификација ќе биде обелоденета со нивно ставање на потпис за кочанскиот второлигаш.
С. Ивановски











