РАКОМЕТОТ ГО ИСПРАЗНИ ГРАДОТ
2012-01-26
За време на ракометниот натпревар „Србија“ – „Македонија“ некаде после 20,00 часот, Кочани изгледаше како напуштен град, како град во кој времето застанало. На улиците ниту еден минувач, а раздвиженоста во Градскиот Трговски Центар никаде ја немаше.
Но само ако малку се приближеше човек кон кафулињата во Градскиот трговски Центар, таму беше вистинска „лудница“. Уште на еден час пред натпреварот се бараше столче повеќе.
Секако дека најинтересно беше во кафулето „Синема“ каде сопствениците се беа погрижиле нивните гости да имаат вистинска забава, забава во која не само што ќе уживаа, туку натпреварот ќе го следеа како да се на местото на настанот.
Тон на ваквото задоволство за посетителите понуди неизбежниот Брацо, кој вршејќи пренос во живо знаеше да направи атмосфера. Така беше од самиот почеток па до крајот на натпреварот.
Сепак иако Македонија го прослави најголемиот репрезентативен успех во машкиот ракомет, радоста малку беше поматена од победата на Данска над Шведска, која на Македонија и го скрати задоволството да учествува во полуфиналните натпревари каде ќе се бореше за медал.
Но што е тука, една голема благодарност до ракометарите за сето она што го направија на ова Европско Првенство, првенство кое со златни букви ќе биде запишано во историјата на Македонскиот ракомет.
С. Ивановски
![]() |
![]() |
![]() |
![]() |















