СЕ БАРААТ КРАДЦИТЕ НА БАКАРНИТЕ КАЗАНИ И КАМБАНАТА ?
2012-02-01
Помина повеќе од месец дена како арамии влегле во кујната на црквата „Свети Илија“ во месноста „Кај Дабот“ и со себе однеле ни помалку ни повеќе туку 5 бакарни казани, камбаната и одредена количина на ориз, грав и зејтин.
Откако мештаните виделе што се случило, ги известиле надлежните кои веднаш почнале да трагаат по сторителите.
Според првите податоци настанот кој се случил на само неколку дена пред Новогодишните празници бил набрзина но добро организиран. Арамиите со украдените работи побегнале по споредниот пат кој води кон патот со правец кон Пониква.
Ако се знае дека камбаната е со голема тежина, а само еден бакарен казан тежи од 30-40 килограми тогаш арамиите доколку сето ова веќе го продале убаво профитирале. Останал засега само еден казан кај случајно останал во селото Бели во црквата „Света Петка“ кога во него по повод празникот Света Петка се готвел ручек за верниците.
Надлежните уште трагаат по сторителите на овој несекојдневен настан кој и те како ги вознемири верниците кои секоја година се помасовно ја посетуваат месноста „Кај дабот“ како и жителите на селото Бели.
С. Ивановски











